Хрватската полиција уапси најмалку три млади лица по серијата лажни дојави за бомби
01/05/2026 10:13
Хрватската полиција уапси најмалку три млади лица, меѓу нив и малолетници, под сомнение дека стојат зад серијата лажни дојави за бомби што изминативе денови предизвикаа евакуации и силни безбедносни мерки низ земјата. Апсењата се извршени во Загреб и во Далмација, по опсежна истрага за заканувачки мејлови испратени до повеќе институции.
Според хрватските медиуми, во последните десетина дена биле испратени повеќе од 220 мејлови со закани за поставени бомби. Цел на дојавите биле училишта, градинки, трговски центри, полициски станици, болници и други институции.
Иако сите дојави досега се покажале како лажни, тие предизвикаа сериозни нарушувања во нормалното функционирање на институциите. Дел од објектите беа евакуирани, а наставата и работата на некои установи беа прекинувани поради задолжителните безбедносни проверки.
Според објавените информации, истрагата утврдува и дали осомничените меѓусебно комуницирале преку онлајн групи. Дел од медиумите пишуваат дека пораките биле испраќани со цел да се прикријат трагите, а надлежните сè уште работат на целосно расчистување на случајот.
Во дел од извештаите се наведува дека истрагата засега се води и во насока на потешка правна квалификација. Можни обвиненија поврзани со тероризам, но конечната одлука ќе ја донесе надлежното обвинителство. Затоа, во оваа фаза не е потврдено како точно ќе биде квалификувано делото.






