Трамп го казнува Мерц, повлекува 5.000 војници од Германија
02/05/2026 12:12
САД повлекува 5.000 војници од Германија: Тензиите Трамп-Мерц ја чинат Европа
Пентагон потврди: Војниците се симнуваат во рок од 6 до 12 месеци
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, вчера изјави дека Соединетите Американски Држави ќе повлечат околу 5.000 војници од Германија во следните шест до дванаесет месеци . Одлуката ја донел американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, по „темелна ревизија“ на распоредот на силите во Европа .
Овој потег доаѓа во услови на растечки тензии меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои дополнително се продлабочија околу ставовите за војната со Иран .
Што рече Мерц, а што Трамп?
Според извештаите, германскиот канцелар на почетокот на неделата изјави дека Иранците „ја понижуваат Америка“ во преговорите за завршување на војната, додавајќи дека САД немаат убедлива стратегија .
Трамп возврати со остри критики на својата платформа Truth Social:
„Тој не знае за што зборува! Не е никакво чудо што на Германија ѝ оди толку лошо, и економски и во други аспекти.“
Претходно оваа недела, Трамп најави дека Пентагон размислува за повлекување на дел од околу 40.000 американски војници стационирани во Германија . Во моментов, според податоците од средината на април, во Европа се стационирани околу 86.000 американски војници, од кои околу 39.000 во Германија .
Стратешки удар во срцето на НАТО?
Повлекувањето на војниците претставува значителна промена во одбранбените односи меѓу двете земји, бидејќи токму во Германија се наоѓа седиштето на Европската команда на САД (ЕУКОМ) во Штутгарт, како и клучната воздухопловна база Рамштајн .
Иако ова не е прв обид за намалување на американското воено присуство во Германија, Трамп во 2020 година предложи повлекување на 12.000 војници, тие планови беа стопирани од администрацијата на Џо Бајден . Сега, сепак, одлуката се третира како конкретна мерка што треба да се реализира во наредната година.
Дополнително, според некои извори, Трамп размислува и за намалување на военото присуство во Италија и Шпанија, обвинувајќи ги дека не ја поддржале американската позиција околу Ормутскиот Теснец






