ОНИЕ ШТО ГЛУМАТ МОТОРЏИИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ МОТОР, Тошковски најавува нови рестриктивни мерки
16/05/2026 8:17
Министерството за внатрешни работи подготвува посебен план за засилени контроли во текот на летото. Во фокусот ќе бидат возачите на мотори кои ги прекршуваат сообраќајните правила.
Ова денеска го најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој направи јасна разлика меѓу, како што рече, вистинските моторџии и оние што само глумат моторџии.
Според Тошковски, вистинските моторџии не возат без кацига и не дивеат низ градските улици. Тој посочи дека луѓето кои се дел од мото-заедниците многу добро знаат колку може да бидат тешки последиците од непочитување на правилата.
Од друга страна, министерот рече дека посебен таргет ќе бидат оние што возат со преголема брзина, минуваат на црвено, возат на едно тркало и мислат дека нема да бидат детектирани.
„Ќе останат и без мотори и без можност да ‘глумат’ моторџии“, порача Тошковски.
Тој нагласи дека МВР ќе биде особено фокусирано на ваквите прекршоци, особено во градските средини, затоа што тие претставуваат сериозен ризик во сообраќајот.
Со новиот летен план, полицијата најавува поинтензивно присуство на терен и засилени контроли кон оваа категорија учесници во сообраќајот.






