Иран го разгледува американскиот предлог, Трамп вели: Времето за одговор истекува
21/05/2026 7:14
Иран потврди дека добил предлог од САД за прекин на војната и дека во моментов го разгледува.
Ова денеска го изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.
„Ги добивме американските позиции и ги разгледуваме“, рече Багеи, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на иранската агенција Нур.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е подготвен да почека уште неколку дена за да добие, како што рече, „вистински одговори“ од Техеран.
Сепак, тој предупреди дека САД повторно ќе започнат напади врз Иран доколку не се постигне договор.
„Верувајте ми, ако не ги добиеме вистинските одговори, тоа ќе биде многу наскоро. Сите сме подготвени. Може да бидат неколку дена, но може да биде многу наскоро“, изјави Трамп пред новинарите во заедничката база Ендрус.
Разговорите меѓу двете страни се водат шест недели по стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу САД и Иран. Засега, и покрај посредувањето на Пакистан, нема значителен напредок.
Според информациите што ги објави иранската агенција Фарс, Вашингтон доставил предлог со пет точки. Меѓу барањата, наводно, е Иран да задржи само еден активен нуклеарен објект и да ги префрли залихите од високо збогатен ураниум во САД.
И покрај новиот дипломатски обид, позициите на Вашингтон и Техеран и натаму остануваат далечни, а неизвесноста околу можен договор продолжува.





