Сашко Кедев е „Европска личност на годината“ за 2025
21/05/2026 7:47
Интервентниот кардиолог, универзитетски професор и алпинист Сашко Кедев денеска ја доби плакетата „Европска личност на годината“ за 2025 година.
Признанието традиционално го доделува Европското движење во Република Македонија, по повод одбележувањето на Денот на Европа.
Кедев не присуствувал лично на свеченото доделување поради неодложни професионални обврски. Наместо тоа, до присутните се обратил преку видеопорака.
Во своето обраќање, тој изразил благодарност за укажаната чест и посочил дека ова признание за него не е само лична награда, туку и дополнителен мотив за уште поголема посветеност кон вредностите што го прават општеството подобро и поправедно.
Во фокусот на неговата порака биле темелните европски вредности. Кедев ги издвоил човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Според него, овие принципи не се само европски, туку универзални вредности што ги поврзуваат луѓето и народите.
Признанието „Европска личност на годината“ им се доделува на личности кои со својот професионален и јавен ангажман придонесуваат за промоција на европските вредности и за евроинтегративниот процес на државата.
Според организаторите, изборот на Кедев претставува симболично поврзување на медицината, науката, јавниот ангажман и личната дисциплина со идејата за современо и одговорно општество.
Меѓу досегашните добитници на ова признание се Тоше Проески, Влатко Стефановски, Горан Пандев, Симон Трпчевски, Радмила Шекеринска и Борис Трајковски.





