MKinformer

your daily dose of news

Денес е Свети Наум Охридски – Чудотворец

05/01/2026 9:16

Православните верници го одбележуваат празникот на Свети Наум Охридски – Чудотворец

Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од најзначајните духовници и просветители на словенскиот свет и близок ученик на Свети Кирил и Свети Методиј. Тој е дел од групата Петточисленици, кои имаат клучна улога во ширењето на христијанството и писменоста меѓу Словените.

Според црковното предание и календарот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, Свети Наум бил истакнат по својата ученост, познавање на повеќе јазици и чудотворна духовна сила. Заедно со светите Кирил и Методиј учествувал во мисионерската дејност во Централна Европа, каде што се борел против т.н. тријазична ерес и се залагал словенскиот јазик да стане рамноправен во богослужбата.

По враќањето од Рим, со поддршка на царот Борис Михаил, Свети Наум се населил на бреговите на Охридско Езеро, каде што го основал манастирот „Свети Наум“ – духовен центар што со векови бил засолниште за болните, немоќните и верниците од целиот Балкан. Манастирот и денес е едно од најпосетуваните свети места во Македонија.

Свети Наум бил познат како строг подвижник, мудар учител и чудотворец. Неговите мошти, според верувањата, и денес се поврзуваат со бројни исцеленија, особено од тешки душевни и телесни болести. Се упокоил во првата половина на 10 век, а неговото дело останува длабоко вградено во темелите на словенската духовност, култура и писменост.

error: Содржината е заштитена од копирање !!