Македонија се враќа на Евровизија во 2027
22/05/2026 8:00
Македонија планира повторно да се врати на Евровизија во 2027 година, по неколкугодишна пауза од последниот настап во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“.
Информацијата произлегува од записник на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, во кој е наведено дека од Европската радиодифузна унија се очекува Македонија повторно да се појави на евровизиската сцена во 2027 година.
Според записникот, во комуникацијата со ЕБУ била изразена подготвеност за техничка и организациска поддршка за евентуалното македонско учество. Во МРТ оценуваат дека подготовките треба да почнат навреме и да се водат систематски, со цел земјата да има поквалитетно и посериозно претставување.
Во претходните дискусии во рамки на јавниот сервис било нагласено дека враќањето на Евровизија не треба да биде случајно или импровизирано. Напротив, потребни се јасна стратегија, посилен домашен музички производ, како и поголеми вложувања во автори, изведувачи и музички фестивали.
Македонија не настапува на Евровизија од 2023 година наваму. Во изминатите години како главни причини за паузата се посочуваа финансиските и организациските ограничувања, но и потребата од поцврста продукциска рамка за настап на голема меѓународна сцена.
Во записниците на МРТ се споменува и можноста јавниот сервис да отвори разговори со ЕБУ за организација на Детскиот Евросонг во 2027 година. Доколку ова сценарио се реализира, тоа би било прво македонско домаќинство на евровизиски настан.
Последниот настап на Македонија на Евровизија беше во Торино во 2022 година. Андреа Коевска настапи во второто полуфинале со песната „Circles“, но не успеа да избори место во финалето.
Најдобриот резултат на земјата и натаму останува седмото место на Тамара Тодевска во 2019 година со песната „Proud“, што сè уште важи за најуспешен македонски евровизиски настап.






