MKinformer

your daily dose of news

Првите жртви не беа во Белград туку во Куманово

06/04/2026 13:14

Куманово се поклони пред загинатите пилоти, 85 години од првиот удар во Втората светска војна

Претставници на власта, дипломатите, ветераните и граѓаните положија цвеќе пред Споменикот на авијатичарите. Нападот на Аџитепе на 6 април 1941 година го означи почетокот на Втората светска војна на тлото на тогашна Југославија, одземајќи 15 животи на борците кои први застанаа во одбрана.

Први жртви пред Белград

На денешен ден пред 85 години, во 4:30 часот изутрината, на спортскиот аеродром Аџитепе кај Куманово, на местото наречено „Режановачка коса“, биле нападнати и уништени авиони на Кралското југословенско воздухопловство. Загинаа 15 пилоти, офицери и војници, првите жртви на Априлската војна (1941).

„На оваа територија влегле првите авиони на германската авијација, а не во Белград, како што најчесто се истакнува“ истакна Гордана Јовиќ-Стојковска, претседателка на Српската заедница во Македонија, која го организираше одбележувањето.

Бомби врз градот и цивилни жртви

Претпладнето, додека се водела воздушната битка, германските авиони ја бомбардирале железничката станица, нејзината околина и пругата. Бомби паѓале и врз самиот град. Попладнето, околу 16:00 часот, биле бомбардирани објекти во центарот:

  • урната покривната конструкција на зградата на Општината,

  • експлозии кај основното училиште, новата црква и старата гимназија,

  • погодени воената пекарница, поштата и добиточниот пазар (кај магацините на Проевски сокак).

Освен војниците кај старата воена болница во Средорек, имало и цивилни жртви.

„Први камикази на овие простори“

Јовиќ-Стојковска ги опиша југословенските пилоти како први камикази на овие простори:

„Нашите сили немале модерни авиони, но нивната храброст била посилна од воената машинерија на тогашното германско вооружување. Свесни за силата што стои пред нив, се удирале во непријателските авиони за да го забават нападот“.

Таа додаде дека за сите генерации кои живееле во поранешна СФРЈ, 6 април е ден на ужас и сеќавање на настан што предизвикал страдања, уништување на инфраструктурата и многу изгубени животи.

Порака за мир во нестабилно време

На свеченоста присуствуваа претставници на локалната и централната власт, амбасади, совети, невладини организации, политички партии, граѓани, како и здруженија на борци од Куманово, Врање и Бујановац.

Јовиќ-Стојковска порача дека во време на големи светски превирања е неопходно да се зачуваат мирот и стабилноста во регионот, бидејќи малите балкански држави не можат да влијаат врз тековите на светската историја.

error: Содржината е заштитена од копирање !!