Две точки од мировниот договор чекаат согласност од САД за конечен прекин на војната во Иран
25/05/2026 7:44
Преговорите меѓу САД и Иран влегуваат во чувствителна фаза, а според последните информации, две клучни точки од мировниот договор сè уште чекаат согласност од Вашингтон.
Станува збор за механизмот за одмрзнување на иранските средства и за обемот на прекинот на огнот во Либан, прашања што во моментов се во фокусот на разговорите.
Според информации што ги објави Ал Џезира, повикувајќи се на неименуван ирански извор, нацрт-договорот веќе содржи рамка за прекин на огнот во Либан. Но, според истиот извор, Израел врши притисок врз САД во текстот да се вметне клаузула со која ќе му се овозможи да продолжи со воени операции во Либан под образложение дека реагира на „секоја закана“.
Иран, како што се наведува, веќе им порачал на посредниците дека нема да прифати таков договор.
Изворот тврди и дека во Техеран расте впечатокот оти Вашингтон се повлекува од претходно договорени позиции, што дополнително ја усложнува атмосферата околу финалниот текст.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД и натаму се стремат кон, како што рече, „добар и соодветен договор“ со Иран.
Тој оцени дека разговорите за иранската нуклеарна програма се водат „уредно и конструктивно“, но истакна дека нема да има брзање во постигнувањето конечен договор.
„Преговорите се одвиваат на уреден и конструктивен начин и им наложив на моите претставници да не брзаат, бидејќи времето е на наша страна“, изјави Трамп.
Сепак, според NBC, повикувајќи се на висок функционер од администрацијата на Трамп, договор меѓу САД и Иран нема да биде постигнат денеска.
Тоа значи дека и покрај дипломатскиот напредок, конечниот прекин на војната и натаму зависи од усогласување на клучните спорни точки, пред сè од американската позиција за средствата на Иран и за Либан.





