Мицкоски незадоволен од борбата против криминалот и корупцијата: Ќе им се дише во врат на тие што незаконски се богатат
25/05/2026 8:06
Премиерот Христијан Мицкоски и по две години власт вели дека не е задоволен од резултатите во борбата против криминалот и корупцијата.
Од Охрид, по повод чествувањето на Денот на македонските просветители Кирил и Методиј, тој испрати порака дека институциите мора да покажат многу повеќе.
Порака до правосудството
Мицкоски во обраќањето се осврна на повеќе теми, но посебен акцент стави на правосудството.
Тој порача дека трпението и на власта и на граѓаните полека се троши. Според него, на сите оние што незаконски се богатат на грбот на граѓаните, ќе им се „дише во врат“.
Премиерот оцени дека институциите мора да испорачуваат подобри резултати. Тоа, според него, го очекуваат граѓаните, но и европската агенда ако државата сака да стане членка на Европската Унија.
И правосудниот испит во фокусот
Преку темата за судството, Мицкоски се осврна и на правосудниот испит.
Во таа насока го спомена и протестот на албанските студенти. Говорејќи на денот на македонскиот јазик и писменост, најави дека ќе има решение и за ова прашање.
Корупцијата и натаму слабa точка
Борбата против криминалот и корупцијата и претходно беше нотирана како недоволно успешна.
Во извештаите на Европската Унија, довербата во овој систем беше оценета како исклучително ниска. Во јавноста често се споменува бројката од само 2 проценти доверба.
Иако годинава Државната комисија за спречување на корупцијата изготви нова стратегија за периодот 2026–2030, изминатиот период донесе и нови проблеми.
Сомнежи и во Антикорупциска
Во самата антикорупциска комисија имаше случаи што отворија прашања за судир на интереси.
Тоа резултираше со оставка на член на Комисијата. Претходно актуелен беше и случајот „Адитив“, кога оставка поднесе и поранешната претседателка Татјана Димитровска.
Овие случувања дополнително ја намалија довербата во институциите што треба да се борат против корупцијата.
Нов обвинител, стари дилеми
Годинава беше избран и новиот јавен обвинител Ненад Савески.
Власта тогаш изборот го правдаше со потребата да се расчистат застарени предмети и случаи што со години, според неа, стоеле во фиока.
Во меѓувреме беа направени и измени во Законот за јавно обвинителство. Но дел од експертската јавност реагираше дека станува збор повеќе за форма, отколку за суштинска промена.
Сомнежи дали нешто навистина ќе се смени
Критики има и од дел од судско-обвинителската фела.
Забелешки беа упатени и за платите, но и за прописите по кои се избира републичкиот обвинител.
Дел од аналитичарите отворено се сомневаат дека ова законско решение може да донесе вистински пресврт. Затоа, темата за корупцијата и понатаму останува еден од најголемите тестови за власта.






