Денеска се слават Светите Кирил и Методиј – браќата што ја создадоа словенската азбука
24/05/2026 8:02
Православните верници денеска им оддаваат почит на Светите Кирил и Методиј, браќата просветители кои оставија неизбришлива трага во историјата на словенската писменост, вера и култура.
Кирил и Методиј биле родени во Солун, во угледно и богато семејство. Нивните родители се викале Лав и Марија. Постариот брат Методиј најпрво бил офицер и десет години живеел меѓу Македонските Словени, а потоа се повлекол на гората Олимп и се замонашил.
Подоцна таму му се придружил и неговиот брат Кирил, познат и како Константин.
На повик од византискиот цар Михаил, двајцата браќа биле испратени меѓу Хазарите, откако хазарскиот цар Каган побарал проповедници на христијанската вера. Според преданието, тие успеале да го убедат Каган во Христовата вера и крстиле голем број луѓе.
По враќањето во Цариград, Светите браќа ја составиле словенската азбука со 38 букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски јазик.
Нивната мисија потоа продолжила во Моравија, каде што, по повик од кнезот Ростислав, ја ширеле и зацврстувале христијанската вера. Таму ги умножувале книгите и ги подготвувале свештениците да ја подучуваат младината.
Подоцна заминале во Рим, по повик на папата. Таму Кирил се разболел и починал на 14 февруари 869 година.
Методиј се вратил во Моравија, каде до крајот на својот живот продолжил да работи на ширење на христијанството меѓу Словените. Тој се упокоил на 6 април 885 година.
По неговата смрт, неговите ученици го преминале Дунав и дошле на југ, во Македонија. Токму од Охрид продолжиле да го шират делото што го започнале Кирил и Методиј, оставајќи темел за развојот на словенската писменост и духовност.
Светите Кирил и Методиј и денес се сметаат за едни од најзначајните личности во словенската историја, како симбол на просветителството, верата и културниот развој.






