Казнет инвеститорот по свлечиштето кај Католичка: Општина Центар и МВР изрекоа санкции за инцидентот
26/05/2026 8:57
Инспекциските служби на Општина Центар, заедно со Министерството за внатрешни работи, излегле на терен по инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде е оштетена јавна површина покрај градежен зафат.
Од Општината информираат дека по извршениот увид биле констатирани оштетувања на коловозот, тротоарите, канализационата мрежа и уличното осветлување.
Поради утврдените неправилности, кон инвеститорот биле изречени санкции за непочитување на обврските.
Обезбедена локацијата
Во меѓувреме, на местото биле поставени сигурносни појаси и предупредувачки ленти, со цел да се заштитат граѓаните и да се овозможи побезбедно движење во близина на оштетениот простор.
Од Општина Центар порачаа дека нема да толерираат несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор.
„За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, наведуваат од Општината.
Инвеститорот мора итно да ја санира штетата
Покрај обезбедувањето на локацијата, инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот и да ја санира настанатата штета, со цел инфраструктурата да биде вратена во првобитна состојба.
Свлечиште при ископ
Од МВР информираат дека при ископ на градежната локација дошло до свлечиште, при што бил затрупан багер.
Во настанот биле оштетени и делови од тротоарот, улицата и едно паркирано возило.
Случајот е пријавен до надлежните институции, а се преземаат мерки за целосно расчистување.






