САД ја обвинија Европа за застојот околу новиот висок претставник во БиХ
06/06/2026 8:00
Новиот висок претставник во БиХ сè уште не е избран, откако Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (PIC) не успеа да постигне договор на дводневната седница во Сараево, одржана на 3 и 4 јуни. По состанокот, САД остро ги обвинија европските партнери за блокадата и најавија дека ќе ја преиспитаат својата улога во актуелното меѓународно присуство во Босна и Херцеговина.
Американската амбасада во Сараево соопшти дека нивен фаворит за функцијата бил искусниот италијански дипломат Антонио Занарди Ланди. Во пораката објавена на X, американската страна наведе дека се обидела да обезбеди консензус околу, како што велат, „висококвалификуван италијански кандидат“.
Вашингтон изрази разочараност што европските земји не успеале да постигнат согласност околу заеднички кандидат. Во американската реакција се вели дека токму европските поделби го спречиле PIC да го исполни својот мандат и да избере наследник на Кристијан Шмит.
Според Ројтерс и други извори, дел од влијателните европски држави не ја поддржале американската опција. Наместо тоа, како противкандидат бил туркан францускиот дипломат Рене Троказ, што дополнително ги продлабочило несогласувањата меѓу САД и европските сојузници.
Во соопштението на САД не беше прецизирано што точно би значело „преиспитување на улогата“ во БиХ. Сепак, оваа порака доаѓа во чувствителен момент, бидејќи Канцеларијата на високиот претставник и натаму има важна улога во надзорот на спроведувањето на Дејтонскиот договор.
Актуелниот висок претставник Кристијан Шмит по седницата изјавил дека очекува негов наследник да биде избран наскоро, а според Ројтерс, консултациите ќе продолжат со цел транзицијата да се заврши до крајот на јуни.






