MKinformer

your daily dose of news

Пропадна европскиот борбен авион: Франција и Германија се откажаа од проект тежок 100 милијарди евра

09/06/2026 12:07

Пропадна европскиот борбен авион, откако Франција и Германија официјално се откажаа од заедничкиот проект FCAS, вреден околу 100 милијарди евра. Одлуката доаѓа по долг спор меѓу компаниите „Дасо“ и „Ербас“, кои не успеаја да постигнат договор за иднината на програмата.

Проектот FCAS беше лансиран во 2017 година како еден од најамбициозните европски одбранбени планови. Целта беше до 2040 година да се развие нова генерација борбен авион што ќе ги замени францускиот „Рафал“ и „Еврофајтерите“ што ги користат Германија и Шпанија.

Главниот спор се водеше околу тоа кој ќе ја има главната улога во развојот на авионот. Францускиот „Дасо“ бараше водечка позиција и заштита на интелектуалната сопственост, додека „Ербас“ инсистираше на порамноправна поделба и поголем трансфер на технологија.

Несогласувања имаше и меѓу Париз и Берлин околу самиот концепт на авионот. Франција сакала модел што ќе може да носи нуклеарно оружје и да слетува на носачи на авиони, додека Германија тврдеше дека нејзините воени потреби се поинакви.

Според Ројтерс, Макрон и Мерц заклучиле дека повеќе нема простор за пробив и дека компаниите не можат да најдат заеднички јазик. Со тоа е затворен главниот дел од проектот, односно развојот на самиот борбен авион.

Сепак, некои делови од програмата би можеле да продолжат. Според извештаите, и натаму е можна работа на беспилотните системи и на таканаречениот „combat cloud“, односно безбедносна мрежа за поврзување на различни борбени платформи.

Пропаѓањето на FCAS е сериозен удар за европските напори за заедничка одбрана. Тоа се случува во време кога Европа се обидува да ја засили воената координација поради руската закана и сè понесигурната американска поддршка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!