ЛДП прашува: Дали за сите важат исти правила, ако Јакимовски е осуден, а слични потези денес се правдаат како ефикасност?
16/06/2026 16:28
Либерално-демократската партија оцени дека довербата во правосудството и во институциите не се гради со селективен пристап, туку со еднакви критериуми, правна сигурност и доследна примена на законите.
Од партијата велат дека секоја правосилна судска одлука мора да се почитува и дека никој не смее да биде над законот. Но, истовремено, отвораат прашање дали истите стандарди важат за сите.
Во тој контекст, ЛДП се повикува на случајот со поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој е правосилно осуден на една година затвор.
„Во случајот со Стевчо Јакимовски, јавноста со право го поставува прашањето: како е можно постапки за кои денес некој се осудува, истовремено да бидат претставувани од актуелната власт како пример за ‘ефикасност’, ‘надминување на административни блокади’ и ‘заштита на јавниот интерес’?“, велат од ЛДП.
Од партијата потсетуваат дека пред неколку месеци власта предложила законски измени кои биле претставени како начин за побрза реализација на објекти од јавен интерес и надминување на административните пречки.
Според тогашното образложение, целта била да се олесни изградбата на училишта, градинки, болници, амбуланти и други капитални проекти преку поедноставени процедури.
Токму затоа, според ЛДП, денес граѓаните сосема оправдано го поставуваат суштинското прашање: ако заобиколувањето на одредени административни процедури се оправдува кога се повикува на јавен интерес, тогаш по кој принцип слични постапки во други случаи се третираат како криминал.
Од ЛДП нагласуваат дека не сакаат да навлегуваат во судски постапки и не пресудуваат наместо судовите. Но, додаваат дека државата е должна да обезбеди јасни, предвидливи и еднакви правила за сите.
„Она што е недозволиво во еден случај не смее да биде претставено како доблест во друг“, порачуваат од партијата.
Со оваа реакција, ЛДП повторно ја отвора дебатата за двојните стандарди, правната сигурност и за тоа дали институциите навистина постапуваат еднакво кон сите.





