MKinformer

your daily dose of news

Покачување на платите за припадниците на Армијата

26/06/2026 12:45

Мисајловски најави зголемување на платите во Армијата

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, најави почеток на преговори за нов колективен договор и покачување на примањата за припадниците на Армијата. Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, тој нагласи дека Владата во моментов активно ги сервисира финансиските обврски наследени од претходниот период.

Преговори за колективен договор од понеделник

“Од понеделник ќе започнеме со нов колективен договор, од следна година ќе се зголемат платите во Армијата, ќе се зголеми бодот и од наредните години со буџетот ќе има процентуално зголемување за Армијата. Од понеделник ќе седнеме заедно со сите синдикати, ќе разговараме за колективен договор”, изјави Мисајловски на прашањето од пратеничката Славјанка Петровска.

Сервисирање на старите долгови

Министерот појасни дека од почетокот на неговиот мандат се работи на расчистување на сериозни финансиски долгови, кои во голем дел произлегуваат од судски процеси.

“Секоја година се соочуваме со неколку илјади тужби од минатото, кои се исплаќаат”, рече тој.

Приоритет – подмирување на старите сметки

Зборувајќи за финансиската кондиција на ресорот одбрана, Мисајловски потенцираше дека со актуелниот ребаланс на Буџетот, приоритет се дава токму на подмирувањето на старите сметки.

“Во овој момент, со ребалансот, ги покриваме трошоците од минатото. Потребно е и понатамошно подобрување на капацитетите и инвестиции”, рече министерот.

Одговор на критиките за буџетските кратења

Петровска во своето прашање се осврна на буџетските кратења за 2025 и 2026 година, како и на стагнацијата на основната плата во изминатите две години. Мисајловски возврати дека во минатото бил потпишан колективен договор без да се обезбедат реални средства за негово спроведување, што довело до сегашните оптоварувања на буџетот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!