MKinformer

your daily dose of news

Изгорени над 250 хектари шума, Пробиштип почна со прием на пријави за штети по големиот пожар кај Неокази, Бучиште и Ратавица

06/07/2026 16:02

Општина Пробиштип од денеска почнува со прием на пријави за штетите од големиот пожар што се случи на 3 јуни во атарите на селата Неокази, Бучиште и Ратавица.

Пријавите се однесуваат на штети врз земјоделски култури и објекти.

Пријавувањето трае до 15 јули

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, информира дека пријавувањето на штетите ќе трае до 15 јули.

По завршување на рокот, на терен ќе излезе Комисијата за проценка на штетите, формирана од Општината.

„Ние како општина имаме формирано комисија која ќе треба да ја утврди настанатата штета и согласно правилникот кој го има донесено Општина Пробиштип, ќе биде доставен до Советот. Понатаму ќе биде доставен до Владата, по што граѓаните делумно ќе бидат обештетени од оваа несакана појава“, изјави Тоневски.

Опожарени над 250 хектари

Според првичните проценки, во пожарот биле опожарени над 250 хектари во атарите на Неокази, Бучиште и Ратавица.

Во селото Бучиште изгорела и една куќа.

Тоневски посочи дека пожарот зафатил земјоделски површини, нискостеблеста шума и пасишта.

Зафатени пчелни семејства, овоштарници и житарици

Во пожарот биле зафатени и пчелни семејства, овоштарници и житни култури.

„На настанатиот пожар има зафатено околу 250 хектари. Главно се земјоделски површини, има нискостеблеста шума и пасишта, зафатени се пчелни семејства, овоштарници, житарици и дел од куќите во село Бучиште“, рече Тоневски.

Пожарот почнал од нива со жито

Во Територијалната противпожарна единица Пробиштип пожарот бил пријавен како пожар на нива со жито во селото Неокази.

Поради ветерот, огнот брзо се проширил во правец кон селата Бучиште и Ратавица.

Општината најавува дека по проценката, документацијата ќе биде доставена до Советот и до Владата за понатамошна постапка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!