MKinformer

your daily dose of news

Што е „домаќински пристап“, а што „криминал“? „Али Тобако“ наспроти времените бараки на Општина Карпош

10/07/2026 12:18

Не постои подобар пример за извртени вредности и двојни аршини, од дивоградбата „Али Табако“ и општинските бараки во Карпош, дивоградба е домаќинлук, а јавен интерес криминал.

Дивоградба како политички успех

Од една страна, приватна дивоградба изградена без никакво одобрение за градба, која со години незаконски функционираше, денес се претставува како симбол на „домаќински пристап“ затоа што конечно била урната. Истата таа дивоградба со години опстојуваше пред очите на институциите, а нејзиното постоење, според критичарите, беше толерирано поради политички калкулации и злоупотреба на етничката припадност на сопственикот, сè под добро познатиот изговор – „за мир во куќа“.

Општински објекти прогласени за криминал

Од друга страна, времените објекти на Општина Карпош, изградени со одлука на Советот на Општината за да се избегне плаќање милионски кирии за администрацијата, денес се прогласуваат за „криминал“. Наместо парите на граѓаните да завршуваат кај приватни сопственици на деловен простор, тие беа заштедени и инвестирани во изградба на новата општинска зграда. Денес истите тие објекти имаат јавна функција и служат како детска градинка.

Токму тука се поставува суштинското прашање – што всушност е домаќинско работење?

Дали домаќинлук е со години да се толерира приватна дивоградба изградена спротивно на законот, а потоа нејзиното уривање да се претставува како политички успех? Или домаќинлук е да се намалат трошоците на општината, да се заштедат јавни пари и тие средства да се вложат во трајна општинска инфраструктура?

Логиката налага одговорот да биде очигледен. Но, според критериумите што денес се применуваат, изгледа дека важи сосема поинаква математика. Приватна дивоградба без дозвола добива етикета на „домаќински пристап“, додека објект што со години им служел на граѓаните и придонел во заштеда на јавни средства се квалификува како криминал за кој се бараат затворски казни.

Тоа не е само двоен стандард. Тоа е целосно извртување на вредносниот систем.

Кога незаконски изграден приватен објект станува пример за политичко „домаќинство“, а јавен проект реализиран со одлука на избраниот општински совет се прогласува за криминал, тогаш не станува збор за борба за владеење на правото. Станува збор за политичка селективност, во која законите не важат еднакво за сите, туку зависат од тоа кој е на власт и кого треба да заштитат или нападнат.

Во таков амбиент, не страдаат само политичките противници. Страда здравиот разум и довербата на граѓаните дека институциите навистина ги вреднуваат законитоста, јавниот интерес и домаќинското управување со нивните пари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!