MKinformer

your daily dose of news

Видео доказ: Нова дивоградба на Водно

11/04/2026 18:10

Нова дивоградба никнува во Парк шумата Водно, градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски 10 дена бега од одговори.

По серијата реакции за дивоградбите на Водно, во редакцијата на МК Информер повторно пристигнаа ексклузивни видео материјали од читатели. На снимките јасно се гледа како градежна механизација се подотвува да постави нов објект во заштитената зона на Парк шумата Водно, во непосредна близина на манастирот „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, на самиот пат кон македонското Етно Село.

И покрај законот кој изрично забранува каква било градба во Парк шумата Водно, видеото потврдува дека теренот е активен. Градежните активности се одвиваат во подрачје кое е дел од заштитената зона, а објектите, според снимките, веќе добиваат конкретна форма.

Овој случај ја отвора темата за ескалација на дивоградбите на територијата на Општина Карпош по локалните избори во 2025 година.

Јавноста претходно реагираше и за изградба на џамија во Нерези, чија градба беше стопирана, но по изборите „изникна“ минаре високо околу 13 метри. Општинските власти сè уште немаат дадено официјално појаснување.

Дополнително, загрижува и односот на новиот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, кој наводно живее во Карпош 4.

Дивоградбата под манастирот, како и 13-метарското минаре, се видливи со голо око од местото каде што тој наводно престојува. Но сепак, тој, како што изгледа, „не ги забележал“.

МК Информер се обиде да добие одговори од градоначалникот. Тој начелно се согласи на интервју, но шефот на неговиот кабинет го одложи снимањето поради наводен „состанок“. Ветувањето дека ќе не контактираат „утре“ е дадено пред 10 дена. И покрај секојдневните јавувања, ниту градоначалникот ниту неговиот кабинет не одговараат на повиците.

Заклучок:
Засега нема официјална потврда од надлежните институции за дивоградбите под манастирот „Свети Пантелејмон“. Редакцијата на МК Информер очекува Општина Карпош најитно да излезе со став и да утврди за какви градежни активности станува збор. Ова е еклатантен пример на нелегална градба во зона каде што градбата е апсолутно забранета.

(Видео)Водно се уништува, нова дивоградба под црквата „Св. Илија“ во Горно Нерези

МК Информер ќе продолжи да го следи случајот и да бара одговори, затоа што законот мора да важи за сите, особено кога се уништува природата во заштитени подрачја како на Водно.

error: Содржината е заштитена од копирање !!