Јакимовски обвинува: Терасата на Белата палата е дивоградба на државно земјиште
16/06/2026 22:11
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, преку објава на социјалните мрежи упати сериозни обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека на објектот на Белата палата е изградена тераса без градежна дозвола и на државно земјиште.
Во видеото што го објави, Јакимовски вели дека станува збор за дивоизграден објект за кој, според него, треба да има кривична одговорност.
„Ова позади мене, терасата на Белата палата, е изградена без градежна дозвола на државно земјиште, односно дивоизграден објект за кој се сноси кривична одговорност“, изјави Јакимовски.
Тој тврди дека објектот бил изграден во период кога ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, имала целосна институционална контрола врз клучни ресори и инспекциски служби.
Според него, во тоа време партијата имала министри за транспорт и врски, државни секретари, директори на Инспекторатот за урбанизам и министри за правда, но и покрај тоа, како што наведува, биле прекршени законите.
„Ги прекршиле сите закони и свесно го направиле тоа. За кого? Само за нивниот интерес“, порача Јакимовски.
Во објавата тој се осврна и на постапките што се водат против него. Посочи дека се критикува за изградба на две општински бараки што ги користела администрацијата на Општина Карпош.
Јакимовски тврди дека за тие објекти имало одлука од Советот на Општината, обезбедени средства во буџетот и предвидени пари во програмата.
„Тие денеска се потсмеваат на тоа што јас сум изградил две општински бараки кои ги користела администрацијата на Општина Карпош. За нив имаше одлука од Советот, беа обезбедени средства во буџетот и во програмата. Едно зборуваат, друго прават“, рече Јакимовски.
Засега нема официјална реакција од ВМРО-ДПМНЕ во однос на овие обвинувања.





