Критики ја натераа Мета да ја укине АИ алатката
11/07/2026 9:50
Мета ја повлече спорната АИ алатка за Инстаграм по реакции
Компанијата ја укина функцијата по критики за приватноста
Технолошката компанија Мета ја повлече новата функција која им овозможуваше на корисниците со помош на вештачка интелигенција да создаваат и менуваат слики користејќи содржини од јавни профили на Инстаграм. Опцијата беше дел од промоцијата на новиот генератор на слики „Muse Image“, но беше укината само кратко по нејзиното претставување.
Од компанијата признаа дека функцијата не ги исполнила очекувањата и потврдија дека повеќе не е достапна.
Јавните профили автоматски беа вклучени
Новата алатка им овозможуваше на корисниците преку четботот на Мета да означуваат јавни профили на Инстаграм, по што нивните фотографии се користеа за генерирање или измена на нови слики со вештачка интелигенција.
Најголемите реакции беа предизвикани од фактот што јавните профили беа автоматски вклучени во системот, без претходна согласност од нивните сопственици, што отвори сериозни прашања за заштитата на приватноста и користењето на личните фотографии.
Организациите предупредија на злоупотреба на личните податоци
Холивудскиот синдикат SAG-AFTRA го поздрави повлекувањето на функцијата, оценувајќи го како важен чекор за заштита на правата на корисниците и нивниот дигитален идентитет.
Критики упати и организацијата Privacy International, од каде што оценија дека случајот покажува како дел од компаниите што развиваат вештачка интелигенција ги третираат личните податоци и фотографиите како ресурс за експлоатација.
Мета најавува нови АИ алатки
Од Мета соопштија дека првичната намера била да понудат креативна алатка која ќе овозможи поголема контрола врз јавната содржина, но дека по реакциите од јавноста донеле одлука да ја повлечат.
Компанијата претходно најави дека „Muse Image“ требаше постепено да биде интегриран и во WhatsApp, Facebook и Messenger, како и дека работи на развој на посебна алатка за генерирање видео содржини со вештачка интелигенција. Засега не се соопштени дополнителни детали околу идните планови.





