MKinformer

your daily dose of news

Тежок пожар кај Валандово на Пирин Чешма

11/07/2026 21:28

Пожар на тешко достапен терен кај Валандово, се вклучуваат два Ер трактора

Огнот избувнал кај месноста Пирин Чешма

Пожар избувна денеска на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според информациите, пожарот бил пријавен во 12:37 часот, по што на терен веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Валандово, кои работат на негово локализирање.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, соопшти дека во акцијата за гаснење ќе се вклучат и два авиони „Ер трактор“ на Дирекцијата.

Теренот го отежнува гаснењето

Од Општина Валандово информираат дека пожарот засега е ставен под контрола, но интервенцијата е значително отежната поради непристапниот терен, каде што механизацијата има ограничен пристап.

Од локалната самоуправа посочуваат дека првичните информации упатуваат дека пожарот не бил предизвикан случајно, туку дека постои сомневање оти сторителот добро го познавал теренот и избрал локација на која противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат. Овие информации засега не се официјално потврдени од истрагата.

Апел до граѓаните да не палат стрништа

Паралелно со интервенцијата, од ТППЕ Валандово повторно упатија апел до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено, потсетувајќи дека ваквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за луѓето, имотот и животната средина.

Од службата најавуваат дека против секое лице затекнато или пријавено за палење стрништа ќе бидат преземени законски мерки.

Граѓаните се повикуваат веднаш да пријават пожар на телефонските броеви 193 или 112.

Во сила останува забраната за движење во шумите

Пожарот доаѓа само неколку дена по најавата на Општина Валандово за засилени превентивни мерки и почести контроли на критичните локации со цел спречување на шумски пожари.

Од ДЗС потсетуваат дека и понатаму е во сила владината забрана за движење во шумите, освен за лицата кои поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.

Надлежните повторно апелираат до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување, нагласувајќи дека превенцијата е најважниот начин за спречување на пожари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!