MKinformer

your daily dose of news

ДЗС доби два нови пилота за гаснење пожари

23/03/2026 13:58

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) доби два нови пилота за гаснење пожари на отворено, со што вкупниот број на обучени пилоти во институцијата сега изнесува пет.

На предлог на директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, двајца пилоти успешно ја завршија преобуката во Шпанија за дејствување со противпожарните авиони „ер трактор“, што ги поседува Дирекцијата. Со тоа тие се стекнаа со сертификат за оспособеност за летање во сите услови при гаснење пожари на отворено.

По нивното враќање од Шпанија, ДЗС најавува дека претстојната летна сезона ќе ја дочека со вкупно пет пилоти со меѓународно признати дозволи за управување со противпожарни авиони од типот „ер трактор“ амфибија, кои имаат можност да полнат вода и од езера.

Од Дирекцијата информираат дека навреме биле исполнети сите услови за уште двајца вработени пилоти да заминат на тринеделна преобука во европскиот референтен тренинг-центар за воздухопловна противпожарна борба „Титан“ во Шпанија.

Станува збор за пензионираниот полковник Роберт Малезански и пилотот Горан Блажески, кои зад себе имаат богато летачко искуство. Со нивната сертификација, капацитетите на ДЗС за справување со пожари на отворено значително се зајакнуваат во пресрет на летната сезона, кога ризикот од пожари е најголем.

Ова засилување на воздухопловниот тим се смета за важен чекор во подигнувањето на подготвеноста на институциите за побрза и поефикасна интервенција при пожари на отворен простор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!