MKinformer

your daily dose of news

МВР ги демантира етничките шпекулации за несреќата кај Блаце

21/07/2026 11:13

Трагедија кај Блаце: Пронајдени тројца загинати, МВР ги демантира етничките шпекулации за бркање по пат

Тројца косовски државјани се пронајдени починати во превртено возило на патниот правец Скопје – граничен премин Блаце, откако нивните семејства претходно пријавиле дека се исчезнати.

Жртвите се идентификувани како Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Тие биле пронајдени во автомобил „Мерцедес“ со германски регистарски ознаки, кој бил надвор од коловозот по тешка сообраќајна несреќа.

Според првичните информации, лицата последен пат биле видени откако заминале од Меѓународниот аеродром Скопје.

Семејството пријавило исчезнување

Во Полициската станица Бит Пазар, на 19 јули околу 13:40 часот, било пријавено дека нема контакт со тројцата патници.

Пријавата ја поднел М.Ш. (56) од Косово, кој информирал дека не може да ја добие својата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К.

Според пријавата, тие претходната вечер околу 22:15 часот тргнале со возило од скопскиот аеродром.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека веднаш биле преземени мерки за нивно пронаоѓање.

„Веднаш по пријавата за исчезнати, екипи од СВР Скопје од ЕВР Чаир, Центар и Единицата за интервентна полиција извршија пребарување на камерите на ‘Безбеден град’ за да се лоцира трасата на движење на исчезнатите лица и возилото кое го користеле, а подигнат беше и дрон над трасата поради фактот што беше утврдено дека возилото не ја напуштило државата преку ГП Блаце“, соопшти МВР.

МВР ги отфрли тврдењата за полициско бркање

По трагичната несреќа, на социјалните мрежи и во дел од медиумите на албански јазик се појавија тврдења дека возилото наводно било следено или бркано од лица кои лажно се претставувале како полиција.

Во објавите се внесуваше и етнички контекст, со тврдења дека станува збор за настан поврзан со наводно постапување на полицијата.

МВР категорично ги демантираше овие информации и повика да не се шират непроверени тврдења додека трае истрагата.

„Апелираме да не се шират дезинформации, ниту е забележана таква појава ниту има пријави за т.н. лажна полиција. Истражните органи ќе ја откријат причината која придонела до сообраќајната несреќа“, соопшти Министерството.

Од надлежните институции посочуваат дека причините за несреќата ќе бидат утврдени по завршување на истражните дејствија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!