MKinformer

your daily dose of news

Пронајдено возило кај Блаце, во него три починати лица

20/07/2026 11:41

Трагичен крај на потрагата: Кај патот кон Блаце пронајдени починати трите исчезнати лица од Косово

Превртен „мерцедес“ со германски таблички бил пронајден покрај патот, а во возилото биле затекнати телата на еден маж и две жени

Трагично заврши потрагата по трите исчезнати лица од Косово, откако синоќа во близина на патот кон граничниот премин Блаце беше пронајдено превртено возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во возилото биле пронајдени телата на едно машко и две женски лица, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.

Исчезнувањето било пријавено истиот ден

Претходно, во Полициската станица Бит Пазар, државјанин на Косово пријавил исчезнување на три лица.

Според пријавата, тие биле преземени од Меѓународниот аеродром Скопје и со автомобил се упатиле кон Косово, но не пристигнале на крајната дестинација.

Семејствата барале помош преку медиумите

Ден пред пронаоѓањето, членовите на нивните семејства преку медиумите и социјалните мрежи апелираа до јавноста за каква било информација што би помогнала во нивното лоцирање.

Според нивните објави, тројцата последен пат биле видени во саботата околу 22 часот во Скопје.

Се утврдуваат причините за несреќата

Според досегашните сознанија, сообраќајната несреќа се случила на патот кон граничниот премин Блаце, непосредно пред возилото да ја премине државната граница.

Надлежните институции вршат увид и работат на утврдување на сите околности и причините што довеле до трагичниот настан.

error: Содржината е заштитена од копирање !!