MKinformer

your daily dose of news

Пожар кај влезот во Велес: Активирани два „ер трактори“, чадот се шири кон автопатот

28/07/2026 19:12

Попладнево избувна пожар во велешката месност Дорутовец, во близина на бензинската станица на „Макпетрол“, пред влезот во Велес.

Поради силниот ветер и опасноста огнот да се прошири, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, активирал два противпожарни авиона „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

На терен пожарникари со две возила

Во гаснењето се вклучени и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Велес.

На терен дејствуваат шест пожарникари со две противпожарни возила.

Во интервенцијата се приклучиле и жители на селото Чалошево, како и екипа со цистерна од ЈП „Дервен“.

Опасноста е намалена, но пожарот се проширил

По дејствувањето на двата „ер трактори“ и екипите на земја, непосредната опасност била намалена.

Сепак, пожарот продолжил да се шири во правец на патот Велес – Штип.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека состојбата внимателно се следи во координација со сите екипи на терен.

Чадот се движи кон автопатот

Ветерот го носи чадот од пожарот кон автопатот, поради што е побарана поддршка од Министерството за внатрешни работи.

Полицијата треба да го регулира сообраќајот во зависност од видливоста и состојбата на патот.

Возачите што се движат во овој правец треба да бидат внимателни, да ја намалат брзината и да ги следат насоките на полициските службеници.

Четири активни пожари на отворено

Според ДЗС, до 18:00 часот во Центарот за управување со кризи биле регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор.

Од нив, четири сè уште биле активни, а пет биле изгаснати.

Во тој момент немало пожар ставен под целосна контрола.

error: Содржината е заштитена од копирање !!