Нема бањање и пливање: Базенот „Борис Трајковски“ ќе остане затворен до две години по оштетувањето на кровот
30/07/2026 19:25
Базенот „Борис Трајковски“ ќе остане затворен до завршувањето на целосната реконструкција, која може да трае од 12 до 18 месеци. Со тендерската постапка и изборот на изведувач, објектот практично би можел да биде недостапен за посетителите околу две години.
Базенот беше затворен по силното невреме што го погоди Скопје на 21 јули. Тогаш бил оштетен и однесен дел од кровната конструкција.
Делови од кровот паднале во внатрешноста, во близина на патеките за пливање, каде во тој момент имало посетители. Поради опасноста била извршена евакуација.
Нема да се поправа само кровот
Директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Даниел Апостоловски, изјави дека нема да се изведува само привремена поправка на кровот.
Според него, базенот и пред невремето бил во лоша состојба и му била потребна итна санација.
„Базенот и пред невремето беше во лоша состојба и му требаше итна санација. По невремето одлета кровот и сега нема да правиме никакви интервенции само на кровот, туку ќе биде затворен додека целосно не се реновира“, изјави Апостоловски за „Сакам да кажам“.
Реконструкцијата треба да почне во ноември
Проектот за целосна реконструкција веќе бил изготвен. Во следниот период треба да биде распишан тендер за избор на фирма што ќе ги изведува работите.
Според најавите, градежните активности би можеле да започнат во ноември.
Планот предвидува целосна санација на објектот, од машинската соба до кровната конструкција.
Самите градежни работи, според проектната документација, треба да траат од 12 до 18 месеци.
Базенот може да биде затворен околу две години
Дополнително време ќе биде потребно за спроведување на тендерот, избор на изведувач и потпишување договор.
Поради тоа, базенот би можел да остане затворен за посетители околу две години.
Објектот претходно бил реновиран во 2010 година. Проблеми со таванот имало и минатата година, кога паднала летва во внатрешноста.
По тој инцидент било поставено црно платно на таванот, а санацијата траела околу пет месеци. Раководството тогаш оцени дека претходното реновирање не било изведено соодветно.
По новото оштетување, донесена е одлука да не се применуваат привремени решенија. Базенот „Борис Трајковски“ ќе остане затворен до завршувањето на темелната реконструкција.






