Шенжен станува центар на светската дипломатија: Почнува самитот АПЕК, на маса трговијата, вештачката интелигенција и глобалната безбедност
16/11/2026 15:08
Самитот АПЕК во Шенжен на 18 и 19 ноември ќе собере лидери од најголемите економии во азиско-пацифичкиот регион, во момент кога глобалната трговија, технологијата и геополитичките односи минуваат низ сериозни промени.
Кина е домаќин на 33. Самит на економските лидери на Азиско-пацифичката економска соработка, кој ќе се одржи под мотото „Градење азиско-пацифичка заедница за заеднички просперитет“.
Кинескиот претседател Ши Џинпинг ќе претседава со состанокот и ќе има повеќе билатерални средби со странски лидери.
Трговија, вештачка интелигенција и поврзување
Кинеското претседавање со АПЕК годинава е организирано околу три главни приоритети:
отвореност, иновации и соработка.
Според кинеското Министерство за надворешни работи, на самитот се очекуваат конкретни разговори за трговијата, регионалната поврзаност, дигиталната економија и вештачката интелигенција.
Пекинг очекува лидерите да усвојат и заедничка „Шенженска декларација“.
Во текот на 2026 година Кина организирала повеќе од 300 состаноци и настани во рамки на АПЕК, на кои учествувале над 10.000 претставници од економиите членки.
Посебен бизнис-самит на 17 и 18 ноември
Непосредно пред состанокот на лидерите, на 17 и 18 ноември во Шенжен ќе се одржи и Самитот на извршни директори на АПЕК.
Ши Џинпинг ќе присуствува на отворањето и ќе одржи главен говор.
Фокусот ќе биде ставен на инвестициите, новите технологии, глобалните синџири на снабдување и идниот економски раст во азиско-пацифичкиот регион.
Шенжен надмина 5 билиони јуани трговска размена
Градот домаќин влегува во самитот со силни економски показатели.
Во првите десет месеци од 2026 година вкупниот увоз и извоз на Шенжен достигнал 5,25 билиони јуани, со раст од 40,9 проценти на годишно ниво.
Со тоа Шенжен станал првиот град во континентална Кина чија надворешнотрговска размена ја надминала границата од пет билиони јуани.
Речиси 70 проценти од трговијата на градот во првите девет месеци била со економиите членки на АПЕК.
Кина со АПЕК економиите тргувала 24,07 билиони јуани
Раст бележи и вкупната кинеска трговија со земјите и економиите од АПЕК.
Во првите три квартали од 2026 година таа достигнала 24,07 билиони јуани, што е раст од 23,9 проценти во споредба со истиот период минатата година.
АПЕК обединува 21 економија кои заедно создаваат повеќе од 60 проценти од светскиот БДП и учествуваат со речиси половина од глобалната трговија.
Во Шенжен и средба Ши–Трамп–Путин
Самитот годинава ќе има и значително поширока геополитичка димензија.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска официјално објави дека Ши Џинпинг ќе одржи трилатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Според Пекинг, тројцата лидери ќе разговараат за прашања од значење за глобалниот мир, а дополнителни детали треба да бидат соопштени во наредните денови.
Кина третпат домаќин на АПЕК
Ова е третпат Кина да биде домаќин на лидерски состанок на АПЕК.
Претходно земјата беше домаќин во Шангај во 2001 и во Пекинг во 2014 година.
Дванаесет години по последниот самит во Кина, Пекинг преку Самитот АПЕК во Шенжен настојува да ја зајакне регионалната економска интеграција, да ја промовира отворената трговија и да ја позиционира технологијата и вештачката интелигенција како нови двигатели на економскиот раст.






