КРЕШНИК БЕКТЕШИ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДЕЈСТВИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРИТЕ
29/07/2024 11:28
На 25 јули во полицискиот билтен беше заведено дека 39-годишен кичевчанец е осомничен за кривично дело „попречување на правдата“, извршено ден пред парламентарните избори. И ваквата вест ќе беше сосема нормална и ќе поминеше како уште едно дело во билтенот на МВР ако во јавноста не излезеше информација дека се работи за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Делото за кое се обвинува Бектеши предвидува минимална казна од 1 година затвор.
Во билтенот на МВР од 25 јули е наведено следното:
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Б.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 07.05.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик“, се вели во извадокот од МВР.






