MKinformer

your daily dose of news

АЛИ АХМЕТИ: Ако излезам на улица, нема враќање назад

02/05/2025 17:01

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека премиерот Христијан Мицкоски, прв понудил локалните и парламентарните избори да се одржат истовремено, пред да се формира техничката влада, но подоцна ја повлекол понудата.

Според Ахмети, Мицкоски веројатно се соочил со отпор во својата партија и на втората средба, кажал дека ќе има само редовни локални избори во Октомври.

Ахмети најави дека, ако поранешниот министер за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, тој ќе организира масовни протести, кои нема да престанат сè додека не се распишат и предвремени парламентарни избори.

Протестите, според него, ќе се одржуваат секоја недела и ќе вклучат поддршка за Бектеши, барање за неселективна правда и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата.

Тој нагласува дека, евентуално укинување или менување на Законот за употреба на албанскиот јазик од страна на Уставниот суд, би довело до бојкот на изборите од страна на ДУИ, што би го довело во прашање нивниот легитимитет и би предизвикало политичка криза.

Ахмети потенцира и дека целиот политички систем, вклучувајќи ги политичарите, судиите, обвинителите, па и процесот на приватизација, треба да се подложи на темелна ревизија – т.н. ветинг – под меѓународен надзор.

Во врска со односите со другите албански партии, Ахмети потврди дека имал средби со Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, иако сè уште нема конечен договор за евентуална соработка за локалните избори. Тој истакна дека одлуката дали ДУИ ќе настапи самостојно или како дел од Европскиот фронт зависи од исходот на разговорите за изборите и Законот за јазиците.

Ахмети го поздрави чекорот на Таравари да се дистанцира од коалицијата „Вреди“, оценувајќи дека таа не дава резултати. Сепак, конечна стратегија за настап на изборите сè уште не е утврдена и во наредната недела ДУИ ќе ги свика своите тела за да донесе одлуки.

Во меѓувреме, се очекува интензивирање на контактите и состаноците помеѓу лидерите на коалициите и партиите, како и можно преформулирање на владејачката структура, особено ако Алијанса за Албанците се реши за предизборна соработка со ДУИ, што веќе е проблематизирано од други владини партнери.

error: Содржината е заштитена од копирање !!