Народни верувања – во некрстени денови ова никако не смеете да го направите
16/01/2025 18:00
Од 7 јануари до Богојавление траат т.н. некрстени денови, период кога се верува дека на земјата шетаат духови, лоши сили и демони, а водите се нечисти.
Во овие дванаесет денови луѓето се маскираат и изведуваат традиционални игри, како џамаларски, бабари, василичари, мечкари, ајти и русалии. Овие игри се прават за да се отераат демоните и лошите сили. Маските се составени од елементи како ѕвонци, клопотарци, стапови, гајди и тапани кои создаваат бучава со цел да ги исплашат злите духови и да ги натераат да ја напуштат земјата.
Периодот на овие некрстени денови се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година, која трае точно 12 дена. Овој период, исто така, означува крај на зимската краткодневица и раѓање на новото Сонце.
Игрите под маски завршуваат на Водици, на 19 јануари, денот кога се слави Христовото крштевање. Во овој ден, крстот се фрла во водата, што симболизира крштевање и се смета дека го ослободува земјата од лоши сили и демони, спречувајќи ги да влезат во светлината и да останат во нивното царство на темнината.
Согласно народните верувања, во овие денови не треба да се излегува навечер, а ако тоа е неизбежно, се носат лук, крст или остар предмет за заштита. Во овој период се верува дека не се препорачува да се преде, ткае или пере. Исто така, не се остава ништо бело надвор, особено детска облека, бидејќи злите сили би можеле да му наштетат на детето.





