Православните верници го слават Богојавление – Водици
19/01/2026 10:02
Православните верници денеска го одбележуваат големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој се слави уште од вториот век. Според христијанското предание, на овој ден Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, а празникот е познат и по големиот водосвет што го извршува црквата.
И годинава продолжува вековната традиција на положување на Чесниот крст во осветените води. Скопската православна епархија при Македонска православна црква – Охридска архиепископија го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на фрлање на крстот.
Како што изјави за МИА отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, годинава за манифестацијата „Водици 2026“ се пријавени околу 160 граѓани кои ќе се обидат да го фатат Чесниот крст во водите на Вардар. Право на учество имаат сите здрави лица, а малолетниците можат да учествуваат со согласност од родител и потврда од спортска медицина.
Одбележувањето во Скопје ќе започне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе богослужи поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. По завршувањето на литургијата, богојавленската литија ќе се упати кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе се изврши водосветот, а околу 12 часот ќе биде положен светиот и животворен крст во реката Вардар.
Во Охрид централната богослужба ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“, а литиите од повеќе храмови ќе се упатат кон Градското пристаниште. Таму, во 10 часот, ќе се одржи голем богојавленски водосвет и ќе се положи Чесниот крст во водите на Охридското Езеро.
Оваа година, првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј, а најавено е и присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Според народните верувања, оној што ќе го фати крстот ќе има среќа, здравје и благослов во текот на целата година, а водите на овој ден се сметаат за лековити.
Согласно Законот за празници, Богојавление – Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.





