MKinformer

your daily dose of news

Грипот во пораст: Клиниките полни, но состојбата под контрола

20/01/2025 20:33

Респираторните инфекции се во пораст, на Клиниката Козле секој ден се вршат до 200 прегледи, додека хоспитализирани се околу 70 деца поради компликации. Најголем број се деца до 5 години и доенчиња.

Според информациите од клиниката, иако бројот на пациенти расте, болницата има доволно ресурси и слободни места. И кај матичните лекари се забележува зголемен број на прегледи.

„Бројот на прегледите е значително зголемен, особено кај доенчињата и малите деца заболени од грип. Иако грипот е присутен кај сите возрасни групи, оваа сезона се забележува значително повеќе заболени доенчиња и деца во однос на претходните години“, изјави д-р Светлана Смугреска, матична докторка.

На Клиниката за инфективни болести исто така има пораст на респираторни инфекции, но состојбата се оценува како очекувана. Компликациите се најчести кај постарите пациенти со хронични заболувања.

Од Комисијата за заштита од заразни болести информираа дека ситуацијата е под контрола, и дека за сега нема потреба од паника или нови мерки. Според епидемиолозите, пикот на грипот се очекува во следниот месец.

 

error: Содржината е заштитена од копирање !!