MKinformer

your daily dose of news

Намален број на заболени од грип во 43. недела, ИЈЗ препорачува вакцинација на ризичните групи

30/10/2025 11:22

Во текот на 43. недела од 2025 година (од 20 до 26 октомври), во земјава се евидентирани 56 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, што претставува намалување од 32,5 отсто во споредба со претходната недела, соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

За споредба, во истиот период минатата година биле регистрирани 42 заболени, што е зголемување од 33,3 проценти, додека во однос на просекот за последните 15 сезони, бројот на заболени е помал за 10,5 отсто.

Најмногу случаи оваа недела се пријавени во Гостивар (20), Куманово (15) и Прилеп (7), а по пет случаи има во Тетово и Радовиш. Во Струмица и Македонски Брод се регистрирани по двајца заболени.

Поголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години (48 случаи), пет се постари од 65 години, двајца се деца од 5 до 14 години, а едно лице е на возраст под 4 години. Пријавената инциденца е под неделната граница за сезонска активност на вирусот на грип (I=22,03/100.000), што значи дека сè уште не е достигнат прагот за почеток на сезоната, нагласуваат од ИЈЗ.

Во сезоната 2025/2026 досега се регистрирани вкупно 244 случаи, што е зголемување од 64,9 проценти во споредба со истиот период лани, а во однос на моделот од последните 15 сезони, раст од 21,9 проценти.

Од Институтот повторно потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита и ја препорачуваат особено за ризичните групи, постари лица, деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

Според Управата за електронско здравство, до 26 октомври со бесплатни вакцини се имунизирани вкупно 31.289 лица од ризичните категории.

error: Содржината е заштитена од копирање !!