Ексклузивно: КАМ, ТИНЕКС, ВЕРО и РЕПТИЛ договарале цени меѓусебно, спротивно закон
22/02/2025 11:08
КАМ, ТИНЕКС, ВЕРО и РЕПТИЛ се синџирите маркети кои биле откриени дека меѓусебно договарале цени, според извештај на НетПрес, повикувајќи се на доброупатени извори.
Проверката била извршена од страна на надлежните државни органи без претходна најава, поради сомнеж дека неколку синџири на маркети кои продаваат прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Овој член забранува картели и сите договори или усогласени дејства на две или повеќе претпријатија кои би можеле да нарушат конкуренцијата.
На страницата на Фејсбук на Комисијата за заштита на конкуренцијата се наведува дека при контролата во службените простории на компаниите бил извршен увид во службената документација и електронската комуникација, при што се пронајдени докази за незаконски донесена одлука, која потоа била јавно објавена преку медиумите.
Комисијата нагласува дека контролирани субјекти спротивно на законот се договориле да не набавуваат стоки од добавувачи кои ќе предложат нови ценовници, што довело до поведување на прекршочна постапка. Тие истакнуваат дека продолжуваат со интензивни контроли кај други правни субјекти во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и дека ќе преземат строги мерки против секое нарушување на конкуренцијата на пазарот, спречувајќи го било какво изигрување на законите на штета на граѓаните.






