MKinformer

your daily dose of news

Пазарниот инспекторат откри неправилности во маркетите, можни казни и затворања

01/03/2025 16:34

Тимовите на Пазарниот инспекторат утврдија повеќе неправилности при контролите во маркетите кај трговците на мало, а можат да бидат изречени казни, па дури и затворање на маркети, изјави денеска во Прилеп заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

На теренот се присутни околу 50 тимови на Пазарниот инспекторат. Се контролираат маркети, аптеки, тутунски трафики и сите други објекти каде што се врши продажба на мало. Констатирани се бројни неправилности, вклучувајќи неправилности во означувањето на намалените производи, утврдувањето на маржите, цените и сметководствената евиденција. Наредната недела ќе бидат изречени казни за најнедисциплинираните трговци, а не е исклучено дека некои маркети ќе бидат затворени, што претставува нова мерка согласно Законот за трговија – истакна Ристески.

Следната недела, Пазарниот инспекторат ќе ги контролира сите дистрибутери и поголеми увозници во земјата. Комисијата за заштита на конкуренцијата исто така работи на прибирање докази во врска со можноста за формирање картелски здружувања.

Комисијата за заштита на конкуренцијата професионално ја извршува својата работа, а доколку се утврди постоење на такво здружување, ќе бидат изречени казни согласно Законот за заштита на потрошувачите – додаде Ристески.

Ристески очекува дека владините мерки ќе донесат резултати.

Мерките и одлуките се донесени со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните. Со овие мерки се опфатени 102 групи производи, односно околу 1.200 производи. Трговците треба да се научат да бидат дисциплинирани и да ги почитуваат мерките наменети за заштита на правата на граѓаните. Како Министерство за економија и труд, како и Пазарната инспекција, ќе продолжиме ригорозно да ги казнуваме сите оние што ги прекршуваат одлуките и ги повредуваат правата на потрошувачите – нагласи Ристески.

error: Содржината е заштитена од копирање !!