MKinformer

your daily dose of news

8 Март меѓународниот ден на жената – Еве зошто се слави

08/03/2025 10:06

Меѓународниот ден на жената – 8 март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк во 1857 година, кои барале подобри права и работни услови. Обединетите нации започнаа да го чествуваат овој ден во 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и мирот во светот.

Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се слави на глобално ниво, со фокус на движењето за правата на жените, родова еднаквост, репродуктивни права и борбата против насилството и злоупотребата на жените. Мотото на ОН за одбележување на 8 март 2025 година е „За СИТЕ жени и девојки: Права. Еднаквост. Зајакнување“.

Чествувањето на овој ден е поврзано со иницијативите за воведување на универзалното право на глас за жените и со активностите на работничките движења во Северна Америка и Европа. Првата прослава на Денот на жената се одржала на 28 февруари 1909 година во Њујорк, организирана од Социјалистичката партија на Америка. Следната година, демонстрациите започнуваат и во Европа, особено со барање за права за жените и поголеми можности за нивно вклучување во јавниот живот.

По инспирација од овие настани, германските делегатки, предводени од Клара Цеткин, на Меѓународната женска социјалистичка конференција во 1910 година во Копенхаген предложиле установување на Ден на жената. Тоа било прифатено и Денот на жената стана важен момент за промоција на родова еднаквост и правото на глас за жените.

Првото официјално одбележување на 8 март било во Германија во 1914 година, кога на тој ден се организирани протести за право на глас и спречување на дискриминација на работното место. Во 1917 година, протестите на текстилните работнички во Петроград под слоганот „Леб и мир“ биле клучни за започнување на руската Февруарска револуција и воведување на правото на глас за жените.

Денес, 8 март е официјален празник во многу земји, вклучувајќи Белорусија, Виетнам, Кина, Русија и Украина. Но, глобализацијата и современите пазарни трендови преку маркетинг кампањи го искомерцијализирале празникот, претворајќи го во ден за подароци и комерцијални акции. Сепак, важно е да се нагласи дека денот останува потсетник на борбата за социјални реформи, еднаквост и правата на жените, а не само празник со маркетиншка агенда.

Релативизацијата на празникот во некои случаи, како „Ден на мајката“, се смета за обид за дефокусирање од изворните цели на Денот на жената, што предизвикува загриженост за губење на неговата битност и посветеност на оригиналната борба за еднаквост и социјална правда.

 

error: Содржината е заштитена од копирање !!