(ФОТО) Осмомартовски марш во Скопје: Со повик институциите да го спречат насилството
08/03/2026 18:22
Македонија годинава го одбележува 8 Март, Меѓународниот ден на жената во сенка на последниот трагичен настан во кој Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја го загубија животот по години поминати во семејно насилство.
Осмомартовскиот марш во Скопје започна со едноминутен молк во чест на сите жени кои не дочекаа правда, како и за оние кои не можат или не им е дозволено да го кренат својот глас.
Со транспаренти „Правда за Росица“, „Правда за Ивана“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, учесниците испратија порака дека симболичните честитки не се доволни доколку институциите не реагираат навреме за да го спречат насилството и да ги заштитат жените.
Активистката за женски права Калиа Димитрова упати критики кон институциите и носителите на извршната власт.
„Имам три пораки до институциите, премиерот и министерот за внатрешни работи. Како не ви е срам да се појавите на говорница по рекорден број убиства на жени на кои им претходело пријавувано насилство по кое не се постапувало соодветно? Институциите имаат службена должност да постапуваат и да ги заштитат жените жртви на насилство“, изјави Димитрова.
Активистката Теодора Милеска посочи дека институционалните пропусти често имаат сериозни последици.
„Институционалното потфрлање и избегнувањето одговорност жената го плаќа со своето здравје, живот и достоинство. Со години нашите повици за превенција и заштита остануваат неслушнати“, рече таа.
Учесниците на маршот побараа поголема институционална заштита на жените, унапредување на женските права и изградба на пофер и побезбедно општество.
Активистката Ивана Белчева истакна дека фемицидот не започнува со последниот удар, туку многу порано.
„Фемицидот започнува со првата тишина. Семејното насилство мора да биде приоритет за секоја институција“, порача таа.
Александра Спасеска, исто така активистка за женски права, нагласи дека проблемот со родово базираното насилство е поврзан и со економската несигурност на жените.
„Кога за женските права се зборува само по трагедии, мора да се запрашаме каде системот потфрла. Тоа започнува и со поткопувањето на економската независност на жените“, истакна Спасеска.
Симболиката на 8 Март годинава беше засенета од суровата реалност во која, според податоците на активистите, само од почетокот на годината во земјава се регистрирани четири изгубени животи како последица на родово базирано и семејно насилство.






