MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски: „Никогаш да не дозволиме историјата да се повтори!“ – Одбележани 82 години од депортацијата на македонските Евреи

11/03/2025 12:47

Денес, по повод 82 години од трагичната депортација на македонските Евреи, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, присуствуваше на настанот организиран за сеќавање на една од најголемите трагедии во историјата на земјата.

Во своето обраќање, премиерот истакна дека овој ден не е само ден на сеќавање и тага, туку и ден на предупредување за сите нас. „Ова е ден во кој, како народ и човештво, потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори,“ рече Мицкоски.

Премиерот потсети на динамичната, просперитетна и богата еврејска заедница која живеела во Македонија пред Втората светска војна. Евреите, како важен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот, беа не само граѓани, туку и основна компонента на историјата на Македонија. За жал, во март 1943 година, под нацистичка и фашистичка окупација, започна масовната депортација на евреите од Вардарска Македонија. 7.144 невини луѓе, меѓу кои мажи, жени и деца, беа присилно одведени во привремен логор во Скопје, а потоа депортирани во концентрациони логори.

„Цела една заедница, цели семејства и генерации беа уништени. Таа трагедија остави траен печат врз нашата историја,“ истакна Мицкоски.

Премиерот апелираше дека, кога злото се шири, кога насилството и неправдата стануваат норма, молчењето е соучество во тоа зло. „Наша обврска е да зборуваме, да се спротивставиме на омразата и дискриминацијата, да ја чуваме вистината и да ја пренесуваме на новите генерации,“ подвлече Мицкоски.

„Македонија е земја на различности, која секогаш била дом за многу култури, религии и народи. Тоа е нашето богатство, нашата сила,“ додаде премиерот и нагласи дека, иако еврејската заедница била скоро уништена за време на Холокаустот, таа и понатаму е дел од македонската историја и културно наследство.

„Нека ова сеќавање ни биде лекција за иднината, нека нивната болка ни биде опомена, и нека никогаш не се заборави,“ рече премиерот Мицкоски, завршувајќи со силен апел: „Никогаш да не се заборави! Никогаш повеќе!“

error: Содржината е заштитена од копирање !!