Во воздушни напади врз Газа загинаа најмалку 330 луѓе, примирјето прекинато
18/03/2025 9:57
Во израелските воздушни напади врз Газа, најмалку 330 лица загинаа, меѓу кои и многу деца, објави палестинското министерство за здравство. Нападите, кои го прекинаа примирјето кое стапи на сила во јануари, беа изведени на повеќе локации, вклучувајќи северна Газа, градот Газа, Рафа, Хан Јунис и јужниот дел на енклавата.
Израелската војска соопшти дека нападите ќе продолжат додека биде потребно и може да вклучат и други воени операции, не само воздушни удари. Израел најави дека однапред ги информирале САД за планираните напади.
Во одговор на нападите, Хамас го обвини Израел за поништување на договорот за примирје, особено во време кога во Газа се уште се наоѓаат 59 заложници, киднапирани на 7 октомври 2023. Израелскиот кабинет го обвини Хамас за одбивање да ги ослободи заложниците и за игнорирање на предлозите на специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф.
Израелската војска наведе дека цел на нападите се функционери, воени заповедници и инфраструктура на Хамас. Преговарачките тимови од Израел и Хамас биле во Доха, каде посредници од Египет и Катар се обидувале да ја обноват преговорите за продолжување на примирјето. Првата фаза на примирјето заврши со ослободување на 33 израелски заложници и петмина Тајланѓани, за што беа ослободени околу 2.000 палестински затвореници.






