MKinformer

your daily dose of news

Хамас позитивно реагира на новиот предлог за примирје во Газа

03/07/2025 18:07

Хамас е задоволен од новиот предлог за прекин на огнот, пренесен преку посредници, кој предвидува пауза во борбите додека траат преговорите, јавува Ашарк повикувајќи се на висок извор. Според планот, американскиот претседател Доналд Трамп ќе го објави договорот откако ќе се финализира и ќе ја преземе водечката улога во неговата реализација.

Како симболичен гест, високи членови на Хамас кои живеат во странство, како Калил ал-Хаја и Захер Џабарин, биле повикани да ги предадат личните оружја – иницијатива поттикната од Катар, со цел да се покаже отвореност кон политичко решение. Сепак, организацијата не прифаќа целосно разоружување.

Предлогот, според ливанскиот весник Ал-Ахбар, се заснова на три точки: повлекување на израелската војска на позиции од пред 2 март, враќање на ОН-механизмот за хуманитарна помош и продолжување на преговорите и по отпочнување на примирјето.

Иако во Хамас постои претпазлив оптимизам, извори велат дека предлогот е речиси идентичен со претходниот. Одговорот од организацијата се очекува в петок. Примирјето би започнало доколку и Израел го прифати договорот.

Војната започна на 7 октомври 2023 година по нападот на Хамас, во кој загинаа 1.200 Израелци, а 251 лице беше киднапирано. Одговорот на Израел досега однел над 57.000 палестински животи, според податоци од Хамас.

error: Содржината е заштитена од копирање !!