УАПСЕН ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ИСТАНБУЛ, ЕКРЕМ ИМАМОГЛУ
19/03/2025 9:04
Турската полиција го уапси градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, под обвинение за водење на криминална организација, поткуп, местење тендери и помагање на терористичка организација, објави „CNNTurk“.
Истрагата е дел од поширока антикорупциска кампања, во која се уапсени и новинари, бизнисмени и други лица. Според информациите на весникот „Сабах њуз“, уапсени се вкупно околу 100 лица.
Советникот за медиуми на Имамоглу, Мурат Онгун, на мрежата „Х“ објави дека градоначалникот е уапсен без објаснување, пренесе Ројтерс.
Имамоглу на истата мрежа информира дека пред неговата куќа има стотици полицајци, дека нема да подлегне на притисоците и дека ќе продолжи да се бори.
Десетици специјалци биле присутни на местото на настанот, а според извештаите на „CNNTurk“, полицијата го пребарала домот на Имамоглу како дел од истрагата.
Градоначалникот на Истанбул се смета на најважен противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во текот на вчерашниот ден, универзитетот во Истанбул му ја одзеде дипломата на Имамоглу од универзитетот. Ова би можело да го дисквалификува опозицискиот политичар да се кандидира на следните претседателски избори, за кои универзитетска диплома е еден од предусловите.
Одземањето на дипломата на Имамоглу нема никакви последици за неговото право да ја врши градоначалничката функција. Политичарот на левичарската националистичка партија ЦХП беше реизбран за градски татко во март 2024 година. Имамоглу и градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, кој исто така е од ЦХП, се сметаат за најмоќни ривали на Ердоган. Тој веќе ја поднесе својата кандидатура за претседателските избори во 2028 година.





