MKinformer

your daily dose of news

ИФЈ: Во 2025 убиени 128 новинари, време е за конвенција на ОН за нивна заштита

03/01/2026 11:04

„Светот повеќе не може да чека време е за меѓународна конвенција на Обединетите нации, што ќе ја гарантира безбедноста и независноста на новинарите насекаде“, изјави генералниот секретар на Меѓународна федерација на новинари (ИФЈ), Ентони Белангер.

Според најновиот извештај на ИФЈ, во 2025 година во светот се убиени вкупно 128 новинари и медиумски работници, од кои десет се жени. Ажурираниот список документира 17 дополнителни смртни случаи по 10 декември, односно по објавувањето на претходниот извештај.

🌍 Најсмртоносни региони

Податоците покажуваат дека Блискиот Исток и арапскиот свет и натаму се најопасниот регион за медиумските работници:

  • 74 убиени новинари во регионот,

  • 56 случаи во Палестинската самоуправа, што претставува 58% од сите убиени новинари во светот во 2025 година.

Овој регион трета година по ред е најсмртоносен за новинарите.

На второ место е Јемен со 13 загинати, по што следи Украина со осум убиени новинари и медиумски работници.
Понатаму:

  • Судан – 6,

  • Индија и Перу – по 4,

  • Филипини, Мексико, Пакистан и Перу – по 3 загинати новинари.

Во вкупната бројка се вклучени и девет несреќни смртни случаи, наведува ИФЈ.

⚖️ Неказнивост и затворени новинари

ИФЈ ја осуди „уште едната смртоносна година за новинарите“ и укажа на постојаниот неуспех на властите да ги заштитат медиумските работници, нагласувајќи дека неказнивоста за овие злосторства сè уште преовладува.

„Потребна е итна и решителна акција за прекинување на циклусот на насилство врз новинарите“, истакна Белангер.

Во однос на затворањата, ИФЈ наведува дека:

  • во 2024 година биле регистрирани 122 убиени новинари и 516 затворени,

  • во 2025 година бројот на затворени новинари и медиумски работници пораснал на 533.

ИФЈ повторно апелира до Обединети нации да започнат процес за усвојување обврзувачка меѓународна конвенција, која ќе обезбеди реална заштита на новинарите и слободата на медиумите на глобално ниво.

error: Содржината е заштитена од копирање !!