MKinformer

your daily dose of news

Силно невреме ја зафати Грција: Погодени Крит, Парос и Миконос

02/04/2025 9:55

Грчките острови беа погодени од силно невреме, кое остави сериозни последици во некои региони. Најлоша е ситуацијата на Крит, каде што спасувачките екипи се ангажирани во евакуација на загрозени лица. Според податоците, на островот се регистрирани поплави, одрони на камења и затворени патишта поради силните дождови и надојдените води. Во текот на ноќта, невремето се премести кон југозапад, а најмногу дожд паднал во близина на пристаништето Ханија.

На островите Парос и Миконос, кои исто така беа погодени од силни дождови и град, властите активно работат на отстранување на превртени автомобили и остатоци од скршени дрвја. Поплави беа предизвикани од олуите на Парос, а локалните власти побарале итна помош од владата за санација на инфраструктурата и патиштата. Миконос исто така се соочи со олујни ветрови и силен град.

На Родос, орканските ветрови скинале дрвја и оштетиле возила, а неколку училишта беа затворени поради невремето. Траектниот сообраќај беше делумно или целосно запрен на некои острови. Во исто време, предупредувања за продолжување на непогодите беа издадени за островите во источниот дел на Егејското Море, вклучувајќи ги Хиос, Самос и Икарија.

Силното невреме ја зафати и Евија и Кикладите во понеделник попладне, при што најголема количина на дожд беше забележана на Миконос, со 71,6 милиметри, од кои 65 милиметри паднаа за само два часа.

Ова невреме доаѓа само неколку недели по серијата земјотреси што ги погодија островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!