MKinformer

your daily dose of news

„Бајрон“ беснее над Грција: евакуации, поплавени улици и онлајн настава

05/12/2025 10:10

Обилниот дожд проследен со силни грмотевици што започна вчера попладне во Грција, не стивнува повеќе од 24 часа. Невремето најсилно ја погоди областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што противпожарната служба до 6 часот утрово примила 290 повици за помош и интервенирала на 90 испумпувања на вода, 27 отстранувања на паднати дрвја и 12 евакуации на граѓани до безбедни локации.

Според Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, до 7 часот утрово најголеми количини дожд се измерани во западна и северна Атика. Најпогодени се:

  • Влихада (западна Атика): 131 мм дожд

  • Авлона (источна Атика): 108 мм дожд

Во останатите делови на Атина, врнежите се движат меѓу 15 и 35 литри на квадратен метар, зависно од населбата.

Поради опасните временски услови, локалните власти вчера донесоа одлука сите училишта да останат затворени, а учениците да следат онлајн настава. Перифектот Никос Хардаљас нагласи дека безбедноста на децата е „непреговарачки приоритет“. Министерството за внатрешни работи, пак, им дозволи на државните службеници кои не можат да стигнат на работа поради времето, да останат дома.

Во Атина бројни улици се поплавени, делови од сообраќајот на неколку булевари се уште се во прекин, а проблеми има и на автопатот кон Коринт. Најкритична е состојбата во западните предградија Неа Перамо, Мегара и Мандра, областа која тешко беше погодена од поплави и во 2017 година.

Утрово жителите на најзагрозените населби добија итни СМС-пораки од бројот 112, со препорака да ги избегнуваат подрумските простории и да се засолнат на повисоки катови. Вакви предупредувања пристигнаа и за делови од Пелопонез, северна и централна Грција, Евија, Хиос, Самос, Икарија, Крит и островите од Додеканез и Киклади.

Според метеоролозите, екстремните временски услови предизвикани од невремето „Бајрон“ ќе продолжат најмалку до утре наутро.

error: Содржината е заштитена од копирање !!