MKinformer

your daily dose of news

Јакимовски со нов правилник за градби: Без гаража – нема стан, забрана за работа во недела и празници

14/04/2025 10:50

Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, на прес-конференција го претстави третиот сет на мерки за, како што вели, „вразумување“ на градежниците и инвеститорите, со цел поголема безбедност, квалитет и заштита на интересот на граѓаните.

Новите обврзувачки правила стапуваат на сила веднаш и предвидуваат построги критериуми за издавање на дозволи, градба и продажба на станови. Јакимовски порача дека „профитот не смее да биде поважен од безбедноста и квалитетот на живот“, нагласувајќи дека новите мерки ќе значат крај на самоволието на инвеститорите.

Главни одредби од правилникот:

  • Секој проект мора да добие одобрување од стручна комисија составена од архитекти и инженери

  • Договорите меѓу инвеститори и сопственици мора да бидат заверени од два адвокати

  • Задолжителна 3-годишна гаранција за кров, прозорци, врати и бањи

  • Забрана за градба во недела и државни празници

  • Монтажа на арматурата мора да се изврши истиот ден – во спротивно нема дозвола

  • Гаражите мора да бидат надземни заради безбеден пристап – без гаража во договорот – нема стан

  • Банкарска гаранција од минимум 15.000 евра за заштита на соседите и инфраструктурата

  • Присуство на градежен инспектор по завршување на секоја фаза од градбата

  • Купувачите задолжително да имаат адвокатско застапување

  • Прекршителите ќе добијат забрана за градба во Карпош

Новите правила ќе важат за градби од типот А1 – индивидуални објекти кои сè почесто се претвораат во колективни згради, што предизвикува големи поплаки од граѓаните, особено во однос на бучава, безбедност и уништување на заедничката инфраструктура.

Инспекција на терен: Затворено градилиште во Влае

Јакимовски лично изврши увид на градилиштето на ул. Драгутин Аврамовски Гуте бр. 25, каде што компанијата Спектар Термо и покрај претходни опомени и казни продолжила со несоодветно однесување. Поради попречување на сообраќајот, уништување на општински имот и загрозување на безбедноста, градилиштето е затворено со одлука на општината, а на терен интервенирала и сообраќајната полиција.

„Од сега натаму, градбата ќе се води по ред, правила и интересот на граѓаните. Без почитување – нема дозвола,“ изјави Јакимовски.

Со овие мерки, Општина Карпош најавува дека ќе биде пример за ред и отчетност во урбаното планирање.

error: Содржината е заштитена од копирање !!