Изборна година-урбанистички бум, Центар и Гази Баба рекордери во одобренија за градби
28/08/2025 11:08
Во првите шест месеци од изборната 2025 година, општините во Македонија издале 4.105 дозволи за изградба на нови станови, што е за околу 1.000 повеќе во споредба со истиот период лани. Од нив, дури 1.771 станови се предвидени за скопскиот регион, каде граѓаните веќе алармираат за урбан хаос и деградација на квалитетот на животот.
Само во првата половина од годинава, општините одобриле 1.962 дозволи за градба, во споредба со 1.666 минатата година. Податоците покажуваат дека објектите на кои е даден „амин“ се претежно високатници, што дополнително ја зголемува густината во урбаните средини.
📊 Рекордери по издадени дозволи:
-
Центар – 64 дозволи за 665 станови
-
Гази Баба – 65 дозволи за 553 станови
-
Илинден – 221 станови
-
Аеродром – 32 дозволи за 146 станови
-
Карпош – 62 станови
-
Бутел – 45 станови
Граѓаните се жалат дека ваквото темпо на градба создава сериозни проблеми со инфраструктурата, канализацијата, сообраќајот и загадувањето.
„Во Скопје нема веќе услови за квалитетен живот. Немаме воздух, нема место за паркирање, а тие продолжуваат да градат нови згради,“ вели Емилија од Центар.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија предупредуваат дека зголемувањето на дозволите е поврзано со изборната година и стравот кај инвеститорите од потенцијален мораториум за градба или ревизија на претходни урбанистички одлуки.
„Стравот од идни ограничувања и промени во политиката ги тера инвеститорите забрзано да бараат дозволи пред избори,“ објаснува архитектката Биљана Насковиќ за Радио Слободна Европа.
Историјата покажува дека во изборни години бројот на дозволи традиционално расте – така во 2021 година бил поставен рекорд со 4.069 дозволи за градба.
Граѓаните и експертите предупредуваат дека ова може да доведе до урбанистички хаос, нарушување на инфраструктурните капацитети и дополнително намалување на квалитетот на живеење, особено во главниот град.


