Јакимовски со нов правилник за градби: Без гаража – нема стан, забрана за работа во недела и празници
14/04/2025 10:50
Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, на прес-конференција го претстави третиот сет на мерки за, како што вели, „вразумување“ на градежниците и инвеститорите, со цел поголема безбедност, квалитет и заштита на интересот на граѓаните.
Новите обврзувачки правила стапуваат на сила веднаш и предвидуваат построги критериуми за издавање на дозволи, градба и продажба на станови. Јакимовски порача дека „профитот не смее да биде поважен од безбедноста и квалитетот на живот“, нагласувајќи дека новите мерки ќе значат крај на самоволието на инвеститорите.
Главни одредби од правилникот:
Секој проект мора да добие одобрување од стручна комисија составена од архитекти и инженери
Договорите меѓу инвеститори и сопственици мора да бидат заверени од два адвокати
Задолжителна 3-годишна гаранција за кров, прозорци, врати и бањи
Забрана за градба во недела и државни празници
Монтажа на арматурата мора да се изврши истиот ден – во спротивно нема дозвола
Гаражите мора да бидат надземни заради безбеден пристап – без гаража во договорот – нема стан
Банкарска гаранција од минимум 15.000 евра за заштита на соседите и инфраструктурата
Присуство на градежен инспектор по завршување на секоја фаза од градбата
Купувачите задолжително да имаат адвокатско застапување
Прекршителите ќе добијат забрана за градба во Карпош
Новите правила ќе важат за градби од типот А1 – индивидуални објекти кои сè почесто се претвораат во колективни згради, што предизвикува големи поплаки од граѓаните, особено во однос на бучава, безбедност и уништување на заедничката инфраструктура.
Инспекција на терен: Затворено градилиште во Влае
Јакимовски лично изврши увид на градилиштето на ул. Драгутин Аврамовски Гуте бр. 25, каде што компанијата Спектар Термо и покрај претходни опомени и казни продолжила со несоодветно однесување. Поради попречување на сообраќајот, уништување на општински имот и загрозување на безбедноста, градилиштето е затворено со одлука на општината, а на терен интервенирала и сообраќајната полиција.
„Од сега натаму, градбата ќе се води по ред, правила и интересот на граѓаните. Без почитување – нема дозвола,“ изјави Јакимовски.
Со овие мерки, Општина Карпош најавува дека ќе биде пример за ред и отчетност во урбаното планирање.