MKinformer

your daily dose of news

Македонските граѓани ќе патуваат без виза во Дубаи

26/04/2025 21:03

Македонските државјани повеќе нема да имаат потреба од виза за патување во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), потврдија денеска од Владата на Република Северна Македонија.

Одлуката доаѓа по официјалната посета на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која од 14 до 17 април престојуваше во Абу Даби и Дубаи. Како дел од разговорите со тамошните власти, било побарано укинување на визите за македонските граѓани – барање што е прифатено од страна на ОАЕ.

„Наскоро се очекува и формалната примена на одлуката, со што ќе се овозможи слободно патување за македонските граѓани, ќе се засили економската соработка и ќе се продлабочи партнерството меѓу двете земји“, соопштија од Владата.

Обединетите Арапски Емирати, федерација составена од седум емирати со главен град Абу Даби и најпознат емират Дубаи, се една од најбрзорастечките економии во светот и популарна туристичка и бизнис дестинација. Укинувањето на визите претставува значаен чекор во отворањето нови можности за граѓаните и за македонските компании.

Владата ја оцени оваа одлука како конкретен резултат од активната надворешна политика и заложбите за подобрување на животот на граѓаните.

„Се бориме на секој можен начин да донесеме позитивни промени за иднината на сите“, велат од Владата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!