473 македонски државјани се јавиле во ДКП поради конфликтот на Блискиот Исток, МНР разгледува евакуација
03/03/2026 13:14
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток до денес, вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на државата во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Според Министерството:
-
19 лица се пријавени од Израел,
-
106 од Катар,
-
348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби.
Во бројката се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Од МНРиНТ соопштуваат дека, согласно информациите од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати.
„Евакуацијата ќе биде почната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови“, наведуваат од Министерството.
Над 150 Македонци побарале помош за евакуација од Блискиот Исток
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, од Министерството велат дека активно се разгледуваат алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
Од таму повторно апелираат до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи.
На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва.
Од МНРиНТ најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите дополнителни информации поврзани со состојбата.



